29 септември 2013

„Исчезнатиот двор“

Програмски уредници: Искра Гешоска, Ивана Драгшиќ, Елена Вељановска
Креативен тим: Христина Иваноска, Велимир Жерновски, Јане Чаловски, Филип Јовановски
Продукција на настанот: ЈАДРО Асоцијација на независната културна сцена
Партнер: Општина Центар

Јадро – асоцијација на независната културна сцена во соработка со Општина Центар, а со поддршка на Канцеларијата за врски на Гете-Институтот од Скопје, на 29 септември ја организира целодневната акција насловена „Исчезнатиот двор“. 

„Исчезнатиот двор“ е настан кој има цел да понуди нови можни содржини во локалната заедница, да стимулира учество на граѓаните во „дизајнирањето” на нов квалитет на секојдневието преку размена на различни социо-културни потреби на животниот стил, кои се разликуваат од оние понудени од пост-транзициската наезда на владеење со општеството и со капиталот. 
Сметаме дека е нужно да се поттикне креативно обмислување на јавниот простор и на заедницата со содржини, дебата и акција која ги развива културните потреби на граѓаните. Со тоа би сакале да влијаеме на локалните и централните политики коишто се однесуваат на алтернативниот третман на јавниот простор, бидејќи уметноста и културата се нашите алатки за урбанo ре-социјализирање и ре-дефинирање на градските јадра. 

„Исчезнатиот двор“ е акција со која стремиме да поттикнеме социо-културна и едукативна одговорност во локалната заедница со цел да укажеме на можноста да се создаде градско креативно јадро, од еден мал дел во Oпштина Центар, кој во изминатите 22 години е целосно запуштен и испразнет од содржини. Избраната локација, во соработка со Општина Центар, по ништо особено специфична, ја користиме како пример за состојбите кои се насекаде видливи и можат лесно да се аплицираат и во други делови од градот. Овој настан сака да понуди алтернативни урбани стратегии за градење на интерактивна заедница помеѓу граѓаните, општината и независниот културен сектор. Заедница во која ќе се развиваат секојдневни културни потреби и во која одговорноаста на граѓаните кон содржините на просторот во кој живеат ќе станува сè пообврзна.

Токму затоа, од исклучително значење е соработката со Општина Центар, која, во нашето искуство, е суштински стратешка и ретка иницијатива за партнерство помеѓу јавниот и граѓанскиот сектор, особено помеѓу јавниот и независниот културен сектор. Урбаната заедница „Дане Крапчев“, која е под ингеренции на Општина Центар, е простор кој Општината сака да го реанимира, а што е во дослух со нашата визија за отпочнување процес на создавање креативни урбани јадра, кои ќе покажат нова вредност во живеењето на граѓаните, но и во поддршката на иницијативите во продукција на независниот културен сектор.

„Исчезнатиот двор“ со своите активности ќе ја зголеми свеста за јавното и јавниот (заеднички) простор меѓу локалните и цeнтралните власти, професионалците и уште поважно, меѓу локалната заедница на граѓани кон неопходното креирање на алтернативи во урбаното живеење, претставувајќи нови уметнички проекти кои поттикнуваат учество, но и воедно внесувајќи веќе постоечки форми на социјализација преку заедничко читање, разговарање, игра и размена на содржини. За да го оствариме тоа, ќе ги користиме капацитетите на независниот културен сектор и преку креирање на алтернативи кон непостоечките културни, урбани и социјални политики на јавниот простор да инцира интер-секторска соработка меѓу уметниците, публиката, професионалците, локалните и централните власти и да понуди платформа за идно планирање и културни политики. 

ПРОГРАМА НА НАСТАНОТ: 

11:00 – 13:00 „Мојот град“ работилница за деца со Христина Иваноска, Јане Чаловски и Велимир Жерновски
11:00 – 14:00 „На ти го, дај ми го“ Турнир во серва со Никола Наумовски
11:00 – 19:00 „Ментална гимнастика“ играње шах на отворено
11:00 – 19:00 „Скопје, какво што е“ целодневен уметнички проект на Ивана Сиџимовска
11:00 – 22:00 Изложбa на на Стрип центарот од Велес
12:00 – 13:00 „Интимни разговори“ мапирање и исцртување на потребите на граѓаните/соседите со Искра Гешоска и Владимир Лукаш
12:00 – 14:00 „Живи библиотеки, архиви на граѓанската непослушност” кураторски проект на Ивана Васева, Филип Јовановски и Јованка Попова
14:00 – 18:00 „Супа од камен“, перформанс на Христина Иваноска
17:00 – 18:00 „Интимни разговори“ мапирање и исцртување на потребите на граѓаните/соседите со Искра Гешоска и Владимир Лукаш
18:00 – 20:00 Презентации на проекти
18:00 - 18:45 “Скопје расте” - Презентација на Архитектри
18:45 - 19:10 “Платформа за урбани кујни” – Урбанистичко планирање од горе-надолу – Горан Јанев
19:10 - 20:00 “Урбан Инкубатор: Белград” – Развој на градот низ културно-социјални активности – Никола Марковиќ
20:00 – 22:00 Програма со видео проекции: 
                        films4peace, 20',

                        SKРетровизор “Одржувањето на СК2014” - Жарко Настовски (2013), 16’04’’,
                        SKРетровизор “Парковите во Скопје” - Бојан Стојановски (2013), 18’36’’,
                        SKРетровизор “Паркингот во Скопје” - Владо Апостолов (2013), 21’18’’,
                        103 - Љубовно писмо до алтернативната култура - Синиша Евтимов, Мирко Попов, Николина Кујача (2013), 55’