„Културни политики или список на теснопартиски интереси – критериуми, приоритети, механизми на одлучување и финансиска транспарентност“

Панелисти на дебатата се: Оливер Белопета, Роберт Алаѓозовски и Ѓунер Исмаил

Модераторка: Александра Бубевска


На дебатата се поканети да земат учество претставници на Министерството за Култура на Република Македонија, претставници на политичките партии, претставници на културните институции, експерти од областа на културата, уметници и претставници на независниот културен сектор.

Повеќе од загрижени сме од континуитетот во занемарувањето на стратешки развојните културни политики во изминатите 20 години чии последици сега уште повеќе ги чувствуваме. Воедно, засегнати сме од односите на државата кон културата и кон развојот на културните потреби на граѓаните. Релевантните институции, а во прв ред Министерството за култура веќе 20 години никако не можат или не сакаат да создадат стратешки оправдана културна политика која ќе соодветствува со потребите на нашиот политички и културен контекст, но и која ќе биде релевантна во поширокото семејство на современи практики во културните политики. Наместо тоа, со секоја нова политичка номенклатура се креира и нова културна политика која трае колку што трае и екипата која ја создала. Дијапазонот на дејствување на овие културни политики е со краток домет, без долгорочна визија и со тесни, често ретроградни интереси.

Водени од овој проблем решивме заеднички ги повикаме надлежните и засегнатите и да отвориме серија дебати. На тој начин би сакале да придонесеме кон решавање на прашањата на еднаквиот пристап до јавните финансии од културата и креирање јавни културни политики од кои бенефитот ќе го почуствуваат сите културни чинители, а преку нив и граѓаните на РМ. Веќе 20 години чекаме да се воведе некаков ред во трошењето на јавните пари во културата, исто колку што чекаме и еднаков пристап до јавните пари за сите актери во културата.

Дискусијата има цел не само да ги постави отворените прашања од областа на функционирањето на јавната културна политика во Македонија, туку преку критичко размислување на учесниците и претставување на можните решенија особено оние кои веќе функционираат во регионален контекст (Србија, Хрватска, Црна Гора) да поттикне и помогне во креирање на подобри и поуспешни културни политики и стратегии на национално ниво и да овозможиме примена на проверени модели кои овозможуваат почист и дефиниран простор за дејствување на актерите на културната сцена.

Прашањата коишто оваа дискусијата сака да ги покрене се:

- Како се формулира конкурсот на Министерството за култура, кои се критериумите според кои се одлучува и кој одлучува?
- Дали постоечкиот модел на финасирање на сите културни институции (јавни, независни, приватни) ги исполнува потребите на своите корисници преку само еден единствен годишен конкурс?
- Дали е потребно одвојување на апликантите како и буџетските средства кои им се на располагање, со цел да се обезбеди рамноправна достапност до јавните средства и подигање на транспарентноста во трошењето на истите? Кое е нивото на транспарентност во однос на резултатите на конкурсот?


Настанот е соработка помеѓу ЈАДРО - Асоцијација на независната културна сцена и Здружение на граѓани Плоштад Слобода организиран во рамките на проектот на Плоштад Слобода „Сосед чувар“.