09 март 2015   
 Иницијатива за формирање хибридна независна културна          институција

   
ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена, покренува иницијатива за формирање на мешовита установа, хибридна институција која ќе биде првиот пример за јавно-цивилно партнерство во Македонија.

Со таа цел, на 09.03.2015 година (понеделник), со почеток во 11 часот, во просториите на „ЕУ инфо центарот“ (Св. Кирил и Методиј 52-б, 1000 Скопје) организираме јавна расправа, на која ќе биде презентирана политичката и економската оправданост на овој модел, а на која ќе земе учество широк фронт на претставници од граѓанскиот сектор, уметници, културни работници и други заинтересирани страни, како и преставници на локалната самоуправа и централните власти.
Овој модел, кој е втемелен на партнерство помеѓу локалната власт и граѓанската мрежа, составена од организации, поединци и неформални групи, обезбедува суштинска децентрализација на моќта и обезмоќување на досегашните практики на партиски влијанија. Тоа е единствениот пат кон создавање на организациска и програмска автономија во дејствувањето во сферата на културата во рамки на граѓанскиот секотор но и пошироко.
Имаме потреба од место, фокус каде што слободно ќе се изразува урбаниот живот, современите социо-културни практики, простор кој ќе создава автономни, само-организирани содржини, содржини кои ќе го артикулираат нашиот урбан, интелектуален, критички и творечки капитал.
Новиoт модел на институцијата кој го предлагаме е од значење за културниот развој, но и за образованието, развојот на критичката култура и новите облици на создавање социо-културни заедници.
Ќе ни биде од огромно значење доколку одвоите време за присуство и учество на јавната расправа. Вашето присуство на јавната расправа ќе биде од драгоцен придонес за понатамошната имплементација на овој политички и социо-културен исчекор.
На линкот подолу можете да ја преземете публикацијата во која е опишан моделот и се аргументирани причините за формирање на ваквата институција.

Со почит,
ЈАДРО – Асоцијација на независен културен сектор

Искра Гешоска, претседател
Јане Чалоски, потпретседател
Рамадан Рамадани, потпретседател
Христина Иваноска Чаловска, претседател на управен одбор
Билљана Тануровска, член на управен одбор
Ивана Драгшиќ, член на управен одбор
Маја Ангеловска, член на управен одбор
Филип Јовановски, член на управен одбор
Елена Велјановска, член на управен одбор
Никола Писарев, член на управен одбор

    
Превземи публикација