ЈАДРО – асоцијација на независната културна сцена е непрофитна, инклузивна, партиципативна и застапувачка платформа  која се стреми да го зајакне независниот културен сектор и неговото влијание врз креирањето и практикувањето на културните политики, со цел да ги поттикне процесите на демократизација во културата и пошироко, во општеството и во граѓанскиот сектор.

Јуни 2018

УЧЕСТВУВАМЕ, ЗАСТАПУВАМЕ, МЕНУВАМЕ – демократизација и децентрализација на јавните простори и јавните добра преку нов модeл на институција на јавно-цивилно партнерство     

Во септември 2017 година, после три години интензивна работа се регистрира првата хибридна институција на цивилно-јавно партнерство во земјава меѓу ЈАДРО и Општина Центар од Скопје наречена Културно-социјален простор „Центар-Јадро“. Намерата на проектот „УЧЕСТВУВАМЕ, ЗАСТАПУВАМЕ, МЕНУВАМЕ“ е да ги претстави процесите на застапување во рамки на овој пионерски модел инициран во Скопје, преку серија на јавни презентации, работилници, културни интервенции и дебати, и истовремено во соработка со 5 партнерски организации (МКЦ-Битола, Стрип центар на Македонија-Велес, Љоја-Тетово, Медиа Артес-Орид и ИНКА-Струга) да отпочне процес за развивање на модели со свои локални специфики за формирање на културно–општествени центри во Битола, Велес, Тетово, Охрид и Струга. На тој начин проектот ќе овозможи зацврстување на позицијата на граѓанските организации во културата и поширокиот граѓански сектор на локално ниво и ќе придонесува кон процесите за демократизација и демонополизација на јавната сфера.
 
Во рамки на проектот предвидени се еднодневни јавни настани во Тетово, Битола, Велес, Охрид и Струга каде членките на ЈАДРО ќе имаат можност да направат претставување на нивните активностите и продукцијата, со што ќе се претстави улогата на независниот културен сектор во Република Македонија.

Настан #002: Во соработка со Младински културен центар – Битола

26.06.2018 година (вторник)

Програма на настанот во Битола во рамките на програмата на фестивалот Битола оворен град 2018 на 26.06.2018 (вторник):

12:00 – 16:00 часот:

Работилница за демократизација и децентрализација на јавните простори и јавните добра преку нов модел на институции и јавно-цивилно партнерство.
Модератори: Искра Гешоска и Јане Чаловски.
Локација: сала за презентации во МКЦ – Битола. 

На работилницата добредојдени се сите граѓански организации, формални и неформални групи, уметници и младински работници кои активно работат во Битола и имаат потреба од решавање на прашањето за простори.

Цел на работилницата:
- Утврдување на капацитетите и потребата на независниот културен сектор, младинските организации и иницијативи, и граѓаните за простор земајќи го во предвид социјалниот и културен контекст на градот; 
- Мапирање на конкретни потенцијални простори;
- Конкретни планови за преземање на следни чекори во насока на обезбедување на простор преку моделот на цивилно-јавно партнерство.

18:00 – 21:00 часот:
Културни интервенции во јавен простор на членките на ЈАДРО
Локација: пред Центар за култура - Битола.

---> Изложба на фотографии од проектот „Урбани уметнички акции“ реализиран од Центарот за современи уметности (ЦАЦ), Скопје; и изложба на стрипови на млади неафирмирани автори со наслов „Во Македонија имало стрип автори“ во организација на Стрип центар на Македонија, Велес.

---> Промоција на изданија од едицијата „Лифт“, и едицијата на сликовници „Во пет кај вртелешките!“ од издавачката куќа „Темплум“. Промотори на изданијата ќе бидат Никола Гелевски и Владимир Јанчевски.

---> Драмско читање на извадок од текстот „Против демократијата“ на авторот Естев Солер во изведба на Јасмина Билаловиќ (Медиа Артес, Охрид), Игор Трпчески (Театарска работилница, Прилеп), Елена Пренџова и Христина Иваноска (Press to Exit, Скопје).

---> Слем вечер со „Поетри слем Македонија“ во изведба на Елена Пренџова и Игор Трпчески.

---> Проекција на филмот „In Danger and Dire Distress the Middle of the Roads Leads to Death” (60 мин.), на германскиот режисер Alexander Kluge, со превод на англиски јазик, а во селекција на Ѓорѓи Пулевски. 
    

Настан #001: Во соработка со Центарот за балканска соработка Лоја - Тетово

​19.06.2018

Ве покануваме на првиот од низата предвидени јавни настани, кој ќе се одржи во рамки на фестивалот „Watch Out!“ a во организација на Центарот за балканска соработка ЉOJA од Тетово, на 19-ти јуни (вторник) 2018 од 17:00 до 18:30 часот, каде Христина Иваноска и Искра Гешоска ќе ја запознаат јавноста со визијата и начинот на делување на ЈАДРО и воедно ќе го претстават моделот на цивилно-јавно партнерство.

По презентацијата ќе следи и отворена дискусија со публиката. 


„Христина Иваноска и Искра Гешоска ги презентираа основните цели и активности на Јадро и на клучната застапувачка активност на асоцијацијата која се однесува на формирање на првата хибридна институција во Република Македонија според моделот на јавно-цивилно партнерство. 

„Со оваа иницијатива би сакале да ги редефинираме економските, политичките, културните и останатите потреби на секторот но и функциите и структурите инхерентни на промената на политичкиот дискурс, создавајќи некои други кои ќе гарантираат поголем демократски капитал, кој претпоставува ефикасност, мобилност, автономија, транспарентност, децентрализација, демонополизација“, беше кажано на презентацијата. 
Јадро се застапува за имплементација на првиот модел на ваква нова институција во партнерство со општина Центар. Овој процес трае од 2013 година, и започна со градоначалникот Андреј Жерновски. 
„Ваквиот вид установи на нов начин му пристапуваат на просторот и на начинот на неговото користење, неговото програмирање тие инсистираат на разноликост, инклузивност, а не на единственост, униформност и ексклузивност. Tие промовираат нов модел на управување, кој подразбира соработка, заедништво, јавна одговорност, а кој води кон предзнакот на демократски управувачки модел, а кој е втемелен на партнерство помеѓу локалната власт и еден поширок фронт на граѓанската мрежа, составена од организации, поединци и неформални групи, обезбедува суштинска децентрализација на моќта и обезмоќување на досегашните практики на партиски влијанија. Тоа значи дека партиите кои ја поседуваат во одрден момент владејачката динамика, го ослабнуваат своето влијание и врз организационата структура и врз програмското планирање. Тоа е единстевниот пат кон создавање на организациска и програмска автономија во дејствувањето во сферата на културата во рамки на граѓанскиот секотор но и пошироко“, рече Иваноска.“

Целиот текст е достапен на: www.okno.mk

Проектот финансиски е поддржан од Министерството за култура на РМ.