Организации

Арт еквилибриум
АРТ ЕКВИЛИБРИУМ – Гевгелија, ја афирмира определбата за динамичен и рамномерен, културно-уметнички развој во урбан контекст.  Сметаме дека правото на квалитетна култура и уметност, е едно од фундаменталните права на секоја индивидуа, преку чијшто личен развој, се артикулира и севкупниот демократски, како и социо-економски развој на урбаната заедница.   Оттука, сензибилизирањето во однос на еден ‘поискрен’ и по многу нешта, поквалитетен креативен израз од оној на извулгаризираната тривијалност, е постојано актуелен приоритет… Затоа, разните форми на активизам на полето на културата и уметноста, уште на самиот почеток во 2009 година, се наметнаа како неодминлива карактеристика во нашето дејствување…Покрај организирањето на Мултимедијаниот арт фестивал ‘БОШ’, во Гевгелија, тука е и независното арт списание за урбани мисли ‘ЧИВИЛУК’, кое се издава еднаш месечно и тоа исклучиво во електронска форма.
www.boshfest.com
Буден Театар
Буден Театар е независна театарска продукција, основана како НВО во 2008 година . Буден Театар работи на перспективи за создавање, одржување и промовирање на квалитетна, витална и динамична независна театарска сцена во Р.Македонија.    
Биден театар го организира фестивалот за куклен театар “Фенер”, чие прво издание беше реализирано во април 2012 во Универзалната Сала во Скопје.

www.budenteatar.mk
Галикул
Здружението за литература, култура и уметност Галикул од Скопје е основано во 2007 година со цел да промовира, развие и обедини различни културни содржини поврзани со културното наследство и современото литературно и уметничко творештво. Главна дејност на Галикул е развојот на современото книжевно и теоретско писмо преку публицистичката програма како и преку Галичката книжевна колонија. Издавачката дејност на “Галикул” е исто така забележителна и од последните изданија ги издвојуваме книгата книжевна теорија “Наратоструктури - читања”  од Луси Караниколова, книгата “Адем Гајтани - Поезија” (антологиски избор со предговор на Агим Полоска) и дебитанската поетска книга  “Долгото погребување на еден кловн”  од младата поетеса Винета Огненоска, како и избраните дела на Тодор Чаловски во 4 тома: “Поезија”, “Критики и есеи”, “Преводи и препеви” и “Развогори”. 
galikul/facebook
Елементи
Постоењето на Елементи се заснова на истражување врз база на експеримент кое започна како реакција на постоечкиот систем на вредности и кое од самиот почеток создаваше поетика што го нагласуваше посебниот однос на индивидуата во современото општество во кое владее концентрацијата на моќ и општото недоразбирање во ерата на дигиталната технологија. Во нивниот начин на делување главна насока  секогаш е делувањето во јавен простор како простор каде  најнепосредно се изразуваат личните ставови, кои не се кријат зад нејасност и прикриеност и најдиректно провоцираат општествени промени. Истовремено свесни за неможноста од реални промени што делувањето ва јавната сфера може да ги направи во време на доминација на глобалниот капитализам, нивното делување останува само реакција и провокација за идни можни прогресивни импулси. Во 2002  е основан Центарот за современи јавни уметности ЕЛЕМЕНТИ.   
elementi/blogspot
Здружение на граѓани Есперанца - Светски културен центар
Здружението на граѓани Есперанца - Светски културен центар е формирано во 2010 година.
Визија: Светската култура е отворен, разновиден, плурален, нехиерархизиран агрегат на културни практики, кои меѓусебно комуницираат преку структурирани или инцидентни, системски или програмски, хиерархизирани или субверзивни културни политики, економски случувања и општествени движења. Мисија: Светски културни центри ни требаат за да бидат катализатори и поттикнувачи на процесите во светската култура, за да внесат  визија, свест, етика и правичност во хаотичните процеси, да создадат поредоци на креација, смисла и надеж во идниот развој на планетата Земја, да внесат динамика во разбирањето на различните светски култури, да станат јадра на просветлување и јазли на отпор против монокултурата, национализмот, доминацијата, исклучувањето, себичноста, војната и крајот на светот. Главни програмски столбови: а) културна едукација преку методите на неформалното и доживотното образование, б) граѓански активизам преку уметноста и културните акции, в) менаџмент на културни настани и уметнички проекти со меѓународна димензија.

www.esperanza-world-culture-center.org

 Интимен теата р
„Интимен театар“ е создаден во 2010та година во Битола, од режисерката Софија Ристевска и од тим млади актери, драматург и сценограф. Во своето досегашно постоење театарот има продуцирано три претстави коишто се одиграле над седумдесетина пати во градови низ целата држава. Основното мото за создавање на овај театар е потребата на Ристевска да се поставуваат нови и интересни автори и текстови, како и потребата да се наблегне врз „личното“ како основа врз којашто понатаму ќе се гради театарскиот продукт.  Оваа пролет „Интимен Театар“ ќе добие и свој простор кадешто репертоарно ќе ги игра своите претстави  „Лили“, од Перо Хуан Гутиерес, „Љубовницата“ од Александар Дошиќ и „Љубовта е демоде“ од Билјана Крајчевска, сите во режија на Софија Ристевска, а во исто време ќе продуцира и нови продукти на млади актери, режисери и автори.    

intimen teatar/facebook
Контрапункт
Контрапункт е здружение на граѓани посветено на развојот на нови и алтернативни практики и политики во социо-културниот контекст, критичката мисла и граѓанскиот активизам. Контрапункт ќе се залага за промоција на принципите на децентрализација, демонополизација, демократизација, дистрибуција и дифузија во подрачјето на културата, културната политика и поширокиот социо-културен контекст. Контрапункт се залага за зајакнување на културата на поврзување, на локално, регионално и интернационално ниво. Клучната мисија се состои во развивање и промовирање на нови културни практики, создавање на алтернативни простори на дејствување во социо-културниот контекст и преиспитување на моделите на дејствуваето во културата и општеството, со акцент врз принципите на различност и интеграција. Контрапункт се формира во ноември 2001 во Скопје. Една од најзначајните иницијативи на ЗГ Контрапункт е формирањето на Културниот центар Точка, како пункт (точка) каде што голем број креативци од областа на културата и уметноста се среќаваа и иницираа различни културни урбани содржини и каде што се промовираше важноста на принципот на самоорганизација во сферата на културата и општественото дејствување.

kontrapunkt-mk.org

Локомотива
Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата е формирана во 2003 г. во Македонија, Скопје, како непрофитна организација која има улога на повеќенаменска платформа за едукација, рефлексија, дискусија, креативни проекти и критичко промислување во полето на современата култура и уметност. Локомотива своето делување го насочува кон: креирање на нова и динамична граѓанска средина во Македонија која ќе учествува во процесите на креирање на јавни (културни) политики; креирање на простор за дискусија и соработка помеѓу јавните централни, регионални и локални власти, институции и граѓанскиот сектор; јакнење на капацитетите на културните институции, креирање на модели на едукација во доменот на современата уметничка практика кои не се застапени во формалното образование, стимулирање на современа уметничка продукција кој ги претставува потребите на актерите на сцената и промовирање на истата, застапување на потребите на независната културна сцена во земјата и нејзина афирмација како партнер и креатор на културните политики на локално, регионално и национално ниво. Програмите на Локомотива се структуирани според интердисциплинарен пристап и се развиени како едукација, творештво и продукција, уметничка размена, дифузија, истражувања, дебати итн.
www.lokomotiva.org.mk
МКЦ – Битола
MKЦ – Битола е младинска граѓанска организација формирана во 1997 година.
Визија: Развиено демократско општество во кое младите се носители на прогресот.
Мисија: Обединување и развој на креативните потенцијали на младите и поттикнување на граѓанскиот активизам. Kреираме и развиваме младински, културни и волонтерски програми;
Влијаеме врз креирањето и практикувањето на младински, културни и волонтерски политики;
Промовираме и поддржуваме млади уметници, урбана култура и меѓународно културно разбирање; Мотивираме и иницираме граѓански активизам и интеркултурно учење
Помагаме на локалната заедница; Афирмираме неформално образование
Програми: 1. Култура/ Континуирана застапеност на програмски активности за поддршка  и развој на креативните потенцијали на младите луѓе;  Простор за урбана култура и различни форми на уметничко изразување; Младински меѓународен уметнички фестивал Битола отворен град – смел и стилизиран уметнички израз на голем број млади домашни и меѓународни уметници. 2. Волонтерство и едукација/ Локален волонтерски сервис; Европски волонтерски сервис; Волонтерски меѓународни кампови. 3. Неформално образование - Со стандардизирање на доживотното учење до препознавање и признавање на стекнатите знаења и вештини; Меѓународен и национален тренинг сервис. 4. Развој на граѓанско општество
Кампањи за подигање на јавната свест; Мониторинг на избори и едукација на избирачи; Јавни дебати за актуелни теми; Застапување – Влијание во креирање, корегирање и практикување на младински, културни и волонтерски политики; Локални младински иницијативи.
www.mkcbt.org.mk
МЕДИА АРТЕС
Медиа артес е невладина и непрофитна организација од областа на уметноста и културата, која започна со работа во 1999 преку теренските активности на двајца професионални театарски уметници од Охрид. Официјално, како НВО, постои од 2001. Организацијата е посветена кон: Промовирање на театарот како алатка за работа со заедницата: претставување и спроведување на докажани и иновативни методологии за психо-социјална театарска работа во локалниот контекст; Зајакнување на децата и младинците: развивање на нивната индивидуалност, креативност, свест и социјални вештини со помош на театарот, и истовремено подигнувње на нивото на нивна и уметничка и граѓанска едукација. (Основите на нашата младинска работа и работа со заедницата се состојат од методологиите Драма во образованието и Театар во образованието, како и техники од арсеналот на Боаловиот Театар на угнетените); Засилување на присуството, видливоста и разновидноста на висококвалитетни уметнички содржини во локални заедници во внатрешноста; претставување на нови театарски модели (естетски и продукциски), кои се базираат на концептите на независност, самоорганизација и мобилност; инвестирање во професионална доедукација на уметниците, во склад со овие концепти и модели; развивање на публика.
www.mediaartes.info

ПМГ Рекордингс
ПМГ Рекордингс произлегува директно од заложбите и активностите на ПМГ Колектив – веројатно највлијателната авангардна артистичка организација во последните 2 децении во Македонија – одговорна за разноразни општествени трансформации – од музички револуции до нарко-еуфории. Долгите години на брутална љубов кон музиката, парти и афтерпарти сессии, конечно резултираа со прифаќање на одговорност кон неа и конкретизирање на идеите во дела.
ПМГ Рекордингс не признава ограничувања во музиката од типот стилови и правци. Стоиме позади музиката/луѓето кои имаат нешто паметно и креативно да соопштат. Нешто што ќе ја поттикне напредната мисла и ќе го натера светот да биде подобро место за живеење.
www.pmgrecordings.com
З.У.ПРОДУКЦИЈА
Продукција е здружение на уметници, основано во јануари 2011. Како млада организација без да губи време, веднаш се впушти во реализирање на следниве краткорочни и долгорочни, копродукциски проекти: 7Knewlifeform,  Bitta Generation 2012, First World Peace-Mraz Sol i Vlaga, Vice Verse / Dis-Patch / Kids-Patch, Bitta Generation 2011, In Search of Lost Director, Welcome On The Board, Parlami d'illustrazione Mariú.
Основачи и соработници на Продукција се: Иванка Апостолова, Кристина П. Диновска, Радмила Пешева, Михаило Апостолов, Весна А. Бришкоска, Тони Димитров, Зорица Зафировска, Инес Ефремова, Драж и Мачка, Еми Ермилова, Ана Серафимова, Саша Спачал, Горанд Дач, Ѓорѓе Јовановиќ, Димитар Додовски, Марчин оф поп, Милескаја.  

www.iti-worldwide.org
Проектен простор Прес ту егзит
press to exit project space од Скопје е основан во средината на 2004 година од страна на уметниците Јане Чаловски и Христина Иваноска како специјална програмски базирана уметничка иницијатива за истражување и продукција во областа на визуелните уметности и кураторски практики. Во тој период па се до крајот на месец март 2008 година, за своите активности press to exit project space го користеше галерискиот простор во рамки на Швајцарската амбасада во Скопје.
Фокусот на press to exit project space е насочен кон изнаоѓање нови начини за генерирање и продукција на проекти и соработки со уметници и куратори од Македонија и странство преку своите програми: Иницијатива за кураторски гостувања, Нови проектни продукции, и Предавања, презентации и изложби како и Програмата за публицистика.
Од ноември, 2010 година, press to exit project space продолжи да функционира како невладина организација со промена на името во Проектен простор Прес ту егзит, која ја има истата програма но со посебен фокус кон стимулирање на интернационални соработки и вмрежувања, станувајќи препознатлив партнер од Македонија на значајни регионални и интернационални партнери што иницираше и активно присуство на значајни претставувања (изложби, конференции и средби) надвор од земјава.
presstoexit.org.mk
Стотројка
Основната мисија на Стотројка е промоција, афирмација и развој на прогресивната, авангардната, модерната музичка култура и уметност, како и модерната урбана култура на живеење. Стотројка ги поттикнува разновидните форми на интересно организирање, културно воздигнување и едукација.

kanal103.com.mk

Стрип центар на Македонија - Велес
Стрип центар на Македонија со седиште во Велес е формиран во  2002 .Има за  цел да го оживе и  афирмира македонскиот стрип како внатре  така и  вон нашата земја,  претстави  најновите достигнувања од светската и  домашната стрип сцена.
Делува преку: а)Библиотечна дејност ( со фонд повеќ е од 12000 стрип наслови ) ,  б)Издавачка дејност (досега отпечатени 16 броја на стрип списанието СТРИП АРТ, 15 броја на стрип магазин КРЕАТОР, два стрип албума, в)Изложбена дејност ( 10 инернационални салони на стрип , групни, поединечни изложби:) и г) Едукативна дејност повеќе стрип работилници со учество на почетници и афирмирани цртачи.
www.comicscenter.mk
Tанц студио Зодијак
Студиото за танц, истражување, продукција и едукација во област на современиот танц- "Зодијак" од Прилеп е основано во 1998 година од Кире Миладиноски со што дава придонес во подигањето на млада и здрава популација и истата ја насочува кон позитивните вредности на животот, а истовремено забележува видни резултати истражувајќи ги разните танцови техники и едуцирајќи млади и публика придонесува за развојот на современата танцова сцена во Македонија. Зодијак како студио, има за цел да биде отворен форум-портал каде авторите можат да добијат информации од областа на танцот и алтернативните сценски уметности, да се состануваат, разменуваат искуства (работилници и семинари со домашни и странски уметници), разменат идеи и знаење (трибини и дебати на засегнати теми) и да ја создаваат иднината на уметноста и културата (заеднички продукции и развивање на мрежа на соработка преку домашни и странски организации и институции). 
zodijak.wix.com/zodijak
Театарска Работилница Прилеп
Театарска Работилница Прилеп започна со работа во 1997ма година во рамки на Синдикатот при Народен Театар „Војдан Чернодрински“ Прилеп под раководство на актерот и режисер Игор Трпчески.  Од тогаш до денес има реализирано голем број на театарски проекти, печатење и промоции на книги, изложби, литературни читања и гостувања. Официјално Театарска Работилница Прилеп е основана во 2007 година. Издвоени проекти:  Продукција на монодрамата „Дневникот на Лудиот“ од  Гогољ (2000); Печатење на стихозбирките „CHAINS“ и Спомени, Копродукциите со НУЦК „Марко Цепенков“;  Детските претстави „Оп,Стоп“ (2004) и „Приказна за Војникот“ (2007), Првиот Поетски Слем во Прилеп и Збирка со стихови од поетски слем (2011) , Печатење на книга и продукција на монодрамата  „Јас, Илија Димоски - Шаторо“ од Петар Петрески (2012)
 
Театарска Работилница Прилеп учествува на бројни културни настани организирани на ниво на градот како: Карневалот Прочка, Пречек на Нова Година на плоштад, Јубилеј 40 години на Детски градинки „Наша Иднина“, Месец на здраво дете, Поетско Маркукуле, Од нас за Прилеп, МТФ „Војдан Чернодрински“, Сите на Велосипед и други. 
Tiiiit! Inc
Tiiiit! Inc. е мало пламенче возбуда што го делат четири Скопјáнки кои сакаат да се радуваат во овој град. А како приликите за тоа стануваат се поретки, круговите сѐ повеќе се затвараат, просторите се узурпираат, а недовербата ја оневозможува меѓусебната поддршка и соработка,  ние, секогаш одново, ентузијастички земаме воздух и „на мускули“ се обидуваме да направиме мали чуда со прдлабочување на нашите стари пријателства, раѓање на некои нови возбудливи познанства и соработки, освојување/премислување на познатите простори... настани кои здружуваат и радуваат... зашто РАДОСТА Е ОБВРСКА!

facebook.com/Tiiiit.inc
Центар за драмски уметности Т-Хаус
Центарот за драмски уметности Т-Хаус е невладина организација, од независни уметници и професионалци кои работат во областа на културата, во Скопје во 2007 година,
Главна цел на организацијата е да изврши директно влијание на културното живеење и работење во Р.Македонија. Од почетокот на своето постоење ЦДА Т-Хаус има организирано повеќе од 200 филмски проекции, повеќе 150 изложби, повеќе од 50 мали музички концерти, повеќе од 50 работилници и дебати, како и продуцирано 3 театарски претстави и 5 големи настани и фестивали под отворено небо.
Поважни проекти: “Cool as can be (Нордиски летен викенд во Скопје)”; “Реоткривање на патеката на Културата(Стара Скопска чаршија)”; “Уметнички интервенции во мултикултурни средини” ...

www.ck.mk
Факултет за работи што не се учат - ФРУ
Факултет за работи што не се учат – ФРУ е формиран како неформална уметничка група/колектив на 27. Ноември 2000 во Скопје. Групата ја сочинуваат студенти по архитектура и драмски уметности. Првите акции се состојат од 2 манифести кои што неофицијално се разделуваат по домашни забави, дискусии, собиранки во периодот Декември 2000 – Јули 2001. Првиот официјален јавен настап се случува на 23.09.2001 година за време на фестивалот МОТ со перформанс/акција “Подвижна канцеларија на студентски прашања“. Официјалното работење на Факултетот започнува на 1.10.2001 година во Галеријата “Место“ - 359 Мрежа на локални и субалтерни херменевтики во Скопје.  Како здружение на граѓани е формирано во 2003-та година. Денес Факултетот за работи што не се учат функционира како платформа за проекти од областа на современата култура и уметност. Од 2006-та година ФРУ го организира АКТО фестивалот за современа уметност во Битола. Една од активностите на Факултетот е и ХНУ- Истражувачкото студио за храна, наука и уметност.
Главна дејност на организацијата е продукција и промоција на современа култура и уметност.

akto-fru.com
Центар за современи уметности
Центар за современи уметности Скопје е основан во 1994 година како дел од мрежата на Сорос центрите за современи уметности. Од 1999 Центарот за современи уметности станува независна културна институција активна во полето на културата, регионалната соработка, образование и развој на капацитети. Од 2001 година, Центарот за современи уметности развива 3 активни и функционални програми:
 
Програма за културен и социјален развој на рурални региони и мали заедници со главна цел: Овозможување на слобода на изразувањето, анимација на културниот живот, надминивање на етнички предрасуди, децентрализација на културата и активен продонес кон развој на кулутрен и социјален живот на руралните региони на Западен балкан.
Програмата за визуелна уметност има за цел да овозможи слобода на уметничкото изразување и развој на македонската уметничка сцена. Програмата за независна култура и развој на капацитети цели кон: унапредување на независни културни организации и подобрување на статусот на независната културна сцена.
 
Програмите на Центарот за современи уметности се креирани во согласност со нашите главни заложби и нашите обиди за еднаквост, слобода на изразувањето, иницијативност и транспарентност. Програмата е креирана така што ќе овозможи исполнување на стратешките цели на центарот како и да овозможи максимална вклученост на корисниците. За време на креирањето на програмите, се водевме од потребите за зајакнување на развојните процеси и развој на културни политики базиран на расположливите ресурси, потреби и потенцијали на уметничките и културните заедници.
scca.org.mk 
Институт за слободна мисла Нисма
Instituti për mendim të lirë Nisma


Нисма е организација основана во 2011 година од поединци кои долго години работеле на културни проекти за застапување на културниот еснаф. Главна дејност е подготовка и анализа на политики со посебна програмска одредница за кохезија, култура, децентрализација и евро-интеграции. Првите проекти се кохезија со посебен нагласок за кохезијата на културен план. децентрализација на културата и можностите за нови културни политики и практики.    
www.nisma.org.mk

Самостојни членки

Дарко Алексовски
Роден 1989, Македонија, e визуелен и изведувачки уметник, и графички дизајнер. Како уметник гостувал на уметничките резиденции bm:ukk Artist-in-Residence Program (Виена, Австрија) и Deutsche Börse Residency Program во Франкфуртер Кунстверајн (Франкфурт, Германија). Учествувал на повеќе изложби и проекти во Tate Britain (Лондон, Велика Британија), FRAC (Марсеј, Франција), Hirvitalo - Center of Contemporary Art Pispala (Тампере, Финска), The Lighthouse (Глазгов, Велика Британија) and Mångkulturellt Center (Ботирка, Шведска), помеѓу другите. Од 2013 интензивно соработува со издавачката куќа за уметнички книги Mark Pezinger Verlag (Виена, Австрија). Соработувал на неколку интердисциплинарни, уметничко-истражувачки проекти како што се Pixelversity (Хелсинки) и Да се слуша публиката (Битола). Во 2012 работел како координатор на програма на АКТО - Фестивал за современи уметности (Битола, Македонија) и блогер во Furtherfield (furtherfield.org/ Лондон).
Во Македонија изложувал и соработувал со Музеј на современата уметност, Музеј на град Скопје, Младински културен центар, Отворено графичко студио и Чифте Амам. Неговите уметнички интереси се колаборативни и партиципативни проекти и институционална критика.
darkoaleksovski.blogspot.mk

Никола Гелевски
Директор на книгоиздателството „Темплум“, од 1989; Главен и одговорен уредник на списанието „Маргина“, 1994- ; Главен и одговорен уредник на списанието за стрип „Лифт“, 1995-2000; Основач и главен и одговорен уредник на порталот „Окно“, од 2009 година. Граѓански активности: Член на УО на ФИООМ 2002-2006; Основач на здружението „Контрапункт“, 1999; Еден од основачите на културниот центар „Точка“, 2003-2009; Еден од основачите на здружението „Плоштад Слобода“, 2009; Еден од основачите на здружението ГЕМ (Граѓани за европска Македонија), 2008.
 
Издвоени проекти: „Сурогати“ (заедно со 25 уметници), 2006; „Лабрис“ (голем стрип проект, заедно со Александар Станковски), 1992-1996; „Ширење на маргините“ (со здружението Контрапункт), 2002-2005; „Слевање на маргините“ (со здружението Контрапункт), 2006-2009 (главна цел на двата проекта: „Промоција и ширење на принципите на децентрализација, демократизација и демонополизација /3Д/ во областа на културата и културната политика“). Kолумнист на: „Форум“, 1999-2001; „Утрински весник“, 2001-2009; „Глобус“, 2009-2011. Kниги: „Призрак против Сенка“ (постмодернизам за деца), 1993; „Светулки и мракови (прилог за една критика на медиумите)“, 2002; „Контрапункт (принципи за една поинаква политика)“, 2004; „Архитортура и гробализација (текстови за градот)“, 2010; „Скопски приказни од 2014“, 2011. Награди: Добитник на наградата „Борјан Таневски“ за 2007 (за „најпроминентен колумнист на годината“).
okno.mk
Ивана Васева
Дипломирала на Факултетот за историја на уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2007 година. Била една од учесниците на проектот „Расшколувано знаење“, колективно самообразование во уметноста и културата (во органиазција на „Теорија која Хода“ од Белград и „Контрапункт“ во Скопје). Има специјализирано во областа на кураторството на Кураторската програма (2011/2012) на de Appel arts centre во Амстердам, Холандија. Таа е дел од тимот на непрофитната организација Проектен простор Прес ту Егзит (press to exit project space) од Скопје а претходно има работено како новинарка во дневен весник во Македонија. Досега работела на неколку домашни и интернационални кураторски проекти како SKOPJE: THE ULTIMATE GOLDEN COLLECTION OF PERSONAL MEMORIES 1960 -2010 vol 1/СКОПЈЕ:ВРВНА КОЛЕКЦИЈА НА ЛИЧНИ СЕЌАВАЊА 1960 – 2010 вол.1, (Скопје, 2012 год.), изложба Three Artists Walk into a Bar… (Амстердам, 2012 год.), читачка група Why Stay If You Can Go?(Амстердам, 2012 год.), проект АЛАРМ 2:1 (Скопје, 2012 год.), изложба Creative cities, artistic towns and fantastic villages(Приштина/Амстердам/Сараево/Скопје, 2010 год.) и друго.
Мира Гаќина
Историчарка на уметноста и критичарка. Дипломирала (2004) на Филозофскиот факултет во Скопје, при Институтот за Историја на уметноста со археологија. Магистрирала (2010) на загребското Свеучилиште, Филозофски Факултет, отсек музеологија, Р. Хрватска. Била ангажирана како надворешен соработник на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, предмет: Историја и теорија на уметноста (2008/09). Од 2009 работи во Музејот на современата уметност во Скопје. Учествувала на повеќе конференции во земјата и странство и објавувала повеќе стручни текстови во дневни весници и списанија од културата и уметноста. Организирала повеќе групни и самостојни изложби како во музејот, така и во други институции во земјава и странство.

Славчо Димитров 
Дипломирал на катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет на УКИМ, Скопје. Магистрира, првин, на Родови студии и филозофија на Институтот Евро-Балкан, а потоа на катедрата за Мултидисциплинарни родови студии на Универзитет на Кембриџ. Моментално е докторант на Одделот за трансдисциплинарни студии за современи уметности и медиуми при Факултетот за медиуми и комуникации - СИНГИДУНУМ, Белград.. Работел како асистент на последипломските родови и културни студии на Универзитетот Евро-Балкан, и на додипломски и последипломски студии на Факултетот за медиуми и комуникации – СИНГИДУНУМ, Белград. Во последните неколку години има координирано голем број на академски проекти и летни школи, како и проекти во областа на човековите права на маргинализираните заедници, со посебен фокус на квир активизмот.  Основач е на интернационалната Летна школа за сексуалности, култури и политики.  Исто така е еден од основачите на Центарот за истражувања на идентитети, култури и политики, ИПАК.Центар во Белград. Во Коалицијата работи од почетоците на нејзиното основање, како член, како координатор и како директор. Неговиот активистички интерес се однесува на политиките на настраноста (квир политики), сексуалното и родовото граѓанство и еднаквост, правата на маргинализираните заедници и нивното испресекување со прашањата со социјална правда.
Јасна Димитровска
Визуелен уметник, дизајнер, активист. Има завршено студии по Општа и компаративна книжевност во Скопје. Моментално е на мастер студии- Дигитални медиуми на HFK во Бремен, Германија. Работи како графички дизајнер од 2008; 2009-2010 работи во Loesje Internatonal во Берлин, Германија. Со Драгана Заревска го претставува арт дуото „Ефемерки“. Заедно истражуваат концепти, се исмејуваат со  строгиот академизам и пронаоѓаат. Го презентираа “Леле Методот“ на фестивалот за современа уметност во Битола- АКТО и го обезбедија сопствениот уметнички легитимитет измислувајќи ја сопствената „Ретроспективна“ изложба во Отворено Графичко Студио во Скопје.

jasnadimitrovska.net
Христина Зафировска
Дипломирала на факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одсек  сликарство со графички дизајн. Работи  во полето на сликарството, цртежот, графичкиот дизајн и фотографијата. Во соработка со неколку колеги, една e од основачите на уметничката група  Art  I.N.S.T.I.T.U.T. формирана 2009 г.  и на уметничката група МОМИ формирана 2012 г. од Скопје. Живее и работи во Скопје. Има реализирано седум самостојни проекти во Македонија, Бугарија и Германија. Учествува во повеќе од четириесет групни изложби, дваесет работилници и ликовни колонии во земјава и странство, како: Србија, Црна Гора, Бoсна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Албанија, Бугарија, Турција, Романија, Република Чешка, Италија, Австрија, Кина, Њујорк.
    
Драгана Заревска
Уметница која работи на хибридни проекти помеѓу визуелната, изведувачката уметност, и филозофијата. Диломирала на НБУ (Софија/Бугарија) во 2007 година на отсекот филмска режија, магистрира на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Св. Кирил и Методиј (Скопје). Наградена е на Биеналето за млади од Европа и Медитеранот во 2009, со стипендија за тримесечен престој во Австрија.  Учествувала на групни изложби во Македонија и низ Европа, а учествувала на филмски и видео фестивали во  Бугарија, Босна и Херцеговина, Португалија, Италија, Холандија, Австрија, Швајцарија и други. Нејзин краток филм е прикажан во Музејот на современа уметност, во 2011 во Феникс, Аризона. Изведувала и настапувала за танц претстави на сцените на Dansens Hus (Стокхолм), Norrlands Operan (Умеа), Музејот на современа уметност (Стокхолм), MU Theater (Будимпешта) и други.  Активно работи на долгорочни платформи како Listening to the Audience (иницирана од Сузана Милевска) и Gangplank  (иницирана од Бруно Пошерон) - подвижна истражувачка платформа во рамки на која се истражуваат границите и можностите на драматургијата повлијаена од новите технологии, до сега реализирана на резиденции во Ausland (Берлин), PACT Zollverein (Есен) Les Laboratoires D’Aubervilliers (Париз). Работела како уметник во престој во SITE – Production Centre for Performing Arts (Стокхолм), во Trafό  (Будимпешта), AIR Krems (Кремс, Австрија) и други. Постојан соработник на Локомотива и НОМАД мрежата.
draganazarevska.com
Ѓорѓе Јовановиќ
Дипломирал  на сликарскиот отсек на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, Македонија во 2003 г. Реализирал повеќе самостојни изложби во земјава и во странство: Фрагментиран архив на уметникот од земјата во транзиција, It’s Complicated, Згради што свиркаат, Прошетката на господинот Ченк низ раздвоениот континент и др. Автор е на пoвеќе перформанси  Исповедите на еден јадач на колачи, Продавач на машки солзи,Депресијата на новогодишната ноќ и др. Учествувал и на групни изложби во САД, Италија, Холандија, Франција, Шпанија, Белгија, Финска, Грција, Србија, Турција, Словенија, Австрија,  Македонија.
Добитник е на наградите Денес за млад уметник за 2009 г , награда за видео на интернациналниот фестивалALTERNATIVE FILM/VIDEO во Белград , Србија  во 2009 г  и специјална награда на AKTO фестивалот  во Битола, Македонија во 2012 г. Остварил неколку резиденцијални престои: 2010 г. во Њујорк како стипендист на програмата ISCP и во Грац, Австрија,  програма на Cultural City Network. Во 2011 година  престојува во Watermill Centre, Њујорк  и  Apartment project во Истанбул, Турција. Освен тоа работи и видеа, анимации и цртежи. Ги истражува прашањата на интеграција и дезинтеграција на современиот човек, меѓучовечките односи, односот човек-општество и политиката како фактор на дезинтеграција градовите, државите и семејствата.    
gjorgjejovanovik.com
Биби Клекачкоска
Дизајнерка на накит. Работи главно во филигранска техника, но со современ авторски пристап. Најмногу користи сребро, но и други материјали како бакар, месинг, злато, полускапоцени камења. Од 2001 е основач и сопственик на Бип Арт, мала компанија за дизајн и изработка на накит. Изложувала во САД, Германија, Франција, Словенија, Србија, Хрватска, Швајцарија, Босна и Херцеговина..... Била обучувач во рамки на проектот “Ревитализација на филигранската техника” спонзориран од Амбасадата на Кралство Холандија со времетраење од 1 година. Неколку пати наградувана за дизајн, од Обединети Нации избрана е и да изработи значки за нивната кaмпања ”Година на Микрокредит”. Мотиви од нејзината работа се користени во рекламни кампањи (ИК Банка), а нејзини парчиња има и во “Сенки”. Со своите спојувалки Macedonian pepperclips  влезе во селекција и зеде учество на БИО - Биенале за индустиски дизајн во Словенија. Експериментира со епоксидна смола, објекти од жици, црта, танцува аргентинско танго, вежба јога. Во Културниот центар Точка во 2007 ја имаше својата прва самостојна изложба на цртежи во мешана техника. Тукушто се врати од Сараево, каде се претстави со “ Моменти: Пејсаж” – прва самостојна изложба на накит.

Сарита Конеска
Има завршено  средно училиште  за применета  уметност во Скопје – “Лазар Личеновски”. Дипломира  на Факултетот за ликовни уметности во Скпје при универзитетот Св. Кирил и Методиј на отсекот за сликартсво со насока конзервација и реставрација. Работно искуство како иконописец и фрескописец на сув малтер  во новоизградените  цркви во Р. Македонија во период од  2003 / 2011. Учества  на ликовни колонии и  самостојни и групни изложби.
    
Симона Манчева 
2011 Дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, 2013 завршува магистерски студии оддел сликарство. Нејзините уметнички интереси вклучуваат слики, серии слики, цртежи, објекти, уметнички книги,колажи и фотографии на различни теми (женски актови, дрва, книги, фигури, објекти) и обид да се претстави една идеја во повеќе различни стилови, техники, а со тоа и од повеќе различни аспекти. Симона Манчева се интересира за поставување на уметноста во социолошки и социјален контекст, како и за уметност во јавен простор. Таа исто така се интересира за социјално маргинализираните групи во уметничка смисла, а особено за социјалните аспекти на сексуалната работа.


Ивана Нелковска
Има дипомирано на Факултетот за Драмски уметности во Скопје на одделот Драматургија во класата на професор Русомир Богдановски. Во 2009 работи како драматург  во Македонскиот Народен Театар на претставата “Троил и Кресида” во режија на Љубиша Ристоќ. Во 2011 година од алтернативна независна театарска група во Скопје се поставува нејзината прва драма “Во собата со една маса и три столици” во режија на Марија Бејкова истата година по нејзина филмска адаптација има премиера филмот “Девојчето со ќибритчињата” во режија на Филип Матевски.  Во јули 2012 година во Грожњан, Хрватска е поставена нејзината драма “Хроника на еден сон” во режија на Горан Головко.        
Јованка Попова
Куратор и програмски координатор на Проектниот простор Прес ту егзит. Магистрирала на Институтот за Историја на уметноста, насока - современа уметност на Филозофскиот факултет во Скопје. На истиот институт, била ангажирана како демонстратор по предметот “Македонска современа уметност”. Соработувала на повеќе научни и истражувачки проекти од областа на историјата на уметноста. Учествувала на неколку меѓународни конференции и симпозиуми и одржала презентации и предавања на Humboldt University, Central European University во Будимпешта, Goethe University, Франкфурт, Hankuk University of Foreign Studies, Сеул, Kunst Historisches Institut, Фиренца, Bahcesehir University, Истанбул, Trondheim Academy of Fine Arts и други. Автор е на повеќе текстови и предговори во каталози од областа на современата уметност и ликовната критика. Член е на интернационалната асоцијација на уметнички критичари AICA International, и дел од управниот одбор на  македонската секција на AICA акедонија - здружение на ликовни критичари, историчари на уметноста и кустоси кои дејствуваат на полето на модерната и современа уметност. Во моментов е извршен директор на Јадро-Асоцијација на независната културна сцена.

Ирена Цветковиќ
Е доктор по родови студии. Како млад истражувач работела на многу истражувачки проекти од областа на социологијата, родовите студии и медиуми. Беше авторка на општествено ангажираниот блог Фемгерила, а потоа и колумнистка во дневниот весник Дневник. Таа е активистка за човековите права на маргинализираните заедници, а особено се бави со активизам за правата на ЛГБТ лицата, корисниците/чките на дроги и сексуалните работници/чки. Исто така, активна е во неколку формални и неформални активистички здруженија. Во моментов работи како проект координаторка во Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“- Скопје.