Мотивација

Платформата ЈАДРО ќе застане цврсто наспрема стандардизираните, летаргични и некритички досегашни облици на културни практики кои ја претставуваат културата фрагментирано и како декорација на националниот етно-центричен код на општествено промислување.

ЈАДРО – асоцијација на независната културна сцена е непрофитна, инклузивна, партиципативна и застапувачка платформа  која се стреми да го зајакне независниот културен сектор и неговото влијание врз креирањето и практикувањето на културните политики, со цел да ги поттикне процесите на демократизација во културата и, пошироко, во општеството и во граѓанскиот сектор.

​Oва е исчекор во дејствувањето на претставниците на независниот културен сектор кој веруваме дека ќе придонесе во процесите за демократизација на социо-културниот простор и ќе овозможи, преку здружувањето на независните културни работници поголема артикулација на она што овој оппштествен сегмент го означува како социо-културен ангажман во просторот на културата, културните политики, самоорганизираната уметничка продукција и културниот активизам.

Главните активности на оваа платформа, во која се здружуваат организации, поединци и неформални групи,  ќе бидат насочени кон обезбедување поширока видливост и општествена релевантност на независниот културен сектор преку континуирана застапеност на програмски активности, застапување за стабилен развој на секторот, јакнење на неговото влијание во општествениот контекст, развој на алтернативни културни практики на национално, локално и регионално рамниште.


Наша задача и нашата стратегија на креативен и конструктивен отпор е будно, јасно и смело да се обидуваме да укажеме на нужноста од критичко промислување на социо-културниот контекст и на нужноста за демонополизација на културата и уметноста чија судбина зависи од мал број луѓе кои ја имаат моќта на одлучување.

Наша одговорност е да не дозволиме манипулација и карневализација на социо-културниот јавен простор. Конструктивно ќе укажуваме на аномалиите и на можните решенија и модели за подоброување на ретроградните читања на културата и борба за достоинствен, праведен и солидарен простор на дејствување на независниот културен сектор во Македонија.

ЈАДРО на јадровит начин ќе застане на браникот на слободното, одговорно и критичко промислување и дејствување во јавната сфера.
Во изминативе десет години, независната културна сцена придонесе за развој на критичката општествена клима. Таа беше иницијалната каписла која отвори многу важни прашања не само во однос на културата и во однос на нужноста на нови форми на практикување културна продукција која е поврзана со градење на секојдневниот урбан идентитет, туку и пошироко во однос на јавниот простор, и помогна во процесите на разјаснување на општествените, политичките и културните феномени и правци на развој.


Независната културна сцена во настанатите општествено-политички проемени значајно треба да ја промени природата на поставување прашања, и природата на форматите во кои тие прашања се поставуваат, како и начинот на кој може адекватно да се одговори. Во Македонија, каде што независните „акции“ се одвиваат на маргините на општествената битност, каде што ниту еден центар на моќ не го промислува барем формално понатамошниот живот на независните иницијативи, формирањето на платформата

ЈАДРО ќе помогне во одржувањето на будноста во однос на хиерархиите и приоритетите на темите и формите на општествено изразување и ќе придонесе за  артикулација на експериментално, интермедијално, ексцесно дејствување кое треба да внесе проактивен, критички дух кај културните работници и пошироко.

ЈАДРО ќе се залага за воспоставување на критички и конструктивен дијалог во однос на имплементацијата на прогресивните, инклузивни и демократски политики и практики во културата и во рамките на граѓанскиот сектoр и пошироко.
Културните работници здружени во ЈАДРО ќе се застапуваат за имплементација на современи културни практики и редефинирање на постоечките културни политики кои се ексклузивни и ретроградни во однос на независниот културен сектор.
Сакаме да го видиме во скорешна иднина независниот културен сектор во Македонија како одржлив, видлив и влијателен општествен и политички фактор, кој проактивно учествува во социо-културните процеси.


ЈАДРО има цел да прерасне во про-активен учесник во социо-културнитe процеси и ќе придонесе во пошироката развојна динамика на демократизација на општеството и на јавната сфера.
Преку платформата ќе се стимулира култура како постојан процес на динамични, хетерогени идеи, идентитети и формати на уметничко изразување.

Во Македонија, генерално се доведени под прашање облиците на независно дејствување и здружување. Досегашните искуства се чини создадоа фобија од кој било облик на консолидација. И тоа има оправдување – бидејќи најмоќниот модел на здружено дејствување, се чини партискиот.
Сакаме да покажеме дека сепак се можни и поинакви начини на дејствување, содружничко, органско поврзување. Општество кое не сака да ја види важноста на ваквите, вонинституцинални колективи и кое не сака да ја верификува нивната вредност не може да го има предзнакот демократско.

​Платформата ЈАДРО ќе застане цврсто наспрема стандардизираните, летаргични и некритички досегашни облици на културни практики кои ја претставуваат културата фрагментирано и како декорација на националниот етно-центричен код на општествено промислување. ЈАДРО ќе се застапува за преиспитување на  ретроградното „читање“ на културата како нешто ексклузивно, нешто што им припаѓа на „одбраните“, нешто што им припаѓа на „елитите“, и нешто што е раководено и креирано исклучиво од институциите на моќ, чии критериуми често се непознати и дизајнирани според лични интереси или интереси на една мала група луѓе кои владеат. Затоа ЈАДРО ќе се застапува за демократизација и децентрализација во сферата на културата, во содржинска и во оперативна смисла.

Newsletter

Subscribe to our mailing list