Независниот културен сектор е оној општествен седимент кој постои како мрежа, како пајажина која ризоматски се шири низ разни релации во општеството, во политичкото, во еснафот, пријателски навлегувајќи во солидарна акција со другите еснафи.Тој укажува на нужноста од епистемолошки анархизам, од отвореност, која значи бришење на границите помеѓу секоја бинарна опозиција, и исцртување на маргините на некои поинакви модели на дејствување, кои подразбираат голем влог, храброст и будност. Една од најважните траги кои ги исцртува независниот културен сектор е отворањето на поинкави хоризонти во однос на читањето на културата.Разликата на оној дел од граѓанскиот сектор кој дејствува во културата, а се нарекува независен културен сектор, е во едно специфично поле на политичко, теориско, уметничко и активистичко дејствување, кое го опфаќа поширокиот социо-културен контекст стремејќи се кон негова демонополизација и деелитизација. Тоа може разликовно да се одреди преку јасно специфицирани критериуми подделени во два сегмента: на организациско ниво и на содржинско ниво. Станува збор за интердисциплинарен начин на дејствување и организирање на своите активности и содржини, кои се главно хибридни и кои се артикулираат во јавниот простор градејќи нови патишта во културните практики.

Во сферата на независениот културен сектор дејствуваат оние непрофитни организации од граѓанскиот сектор кај кои се препознава ново критичко, развојно и динамично дејствување и кои се двигатели во динамизирањето на целото културно производство, со голем акцент врз развојните процеси на културните политики. 

Независниот културен сектор е препознаен како простор за нови модели на културната продукција и интерсекторската соработка. Се одликува со организациона динамичност и флексибилност, а пред сè, со директен ангажман и дејствувањe во заедницата, како и со поширокото сфаќање на просторот и поимот на културата. Карактеристично е едновременото дејствување во сите сегменти на соцо-културниот контекст, во најразлични сфери на културата и културните политики и взаемно креативно поврзување при што е искличително присутна и доминантна карактеристиката за поширока општествена свесност и ориентираност кон градење нови, современи политики во различните сегменти на културата, уметноста и општеството, и на теориско и на активистичко рамниште.

Важна улога на независниот културен сектор е преговарањето низ различни модели и формати (продукциски, теориски, активистички) со властите поврзани со културно-уметничкото дејствување но и со поширокото општествено дејствување. Токму затоа е од исклучително значење независниот културен сектор, од аспект на современите културни политики, да се третира како засебно поле, засебен сегмент.

Оттаму, ЈАДРО се препознава како мобилизаторско општествено и политичко тело кое се разликува од специјалистички ориентираните здружренија на граѓани.

Препознатливо за независниот културен сектор на содржинско рамниште е интегрирањето на современата уметност во сите дејности, популарната култура, современата теорија, новите медиуми и технологии на содржинско и на организационо рамниште, специфичните форми на едукација за дејствување во социо-културниот контекст, промовирање на модели на дијалошки, критички и развојни современи културни политики, и постојано следење и спроведување на современите тенденции и дебати во културата и уметноста поврзано со новите општествени теории, како и со новите теории за поимот култура.

Независниот културен сектор е оној продуктивен културен погон кој на рамноправен начин ја одржува интерференцијата, соработката помеѓу јавниот сектор и граѓанскиот сектор.

 

Newsletter

Subscribe to our mailing list